Оваа недела имаше два настани – фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Бугарија, тема која не сакам да ја разгорувам и вториот е условната казна на Ламбе Алабаковски, пироманот на (бугарскиот) центар Ванчо Михаилов, изјави Николај Милков, министер за надворешни работи на Бугарија.
Според Милков овие два настана откриваат структурен проблем за правата на Бугарите во Македонија. Казната на Алабаковски е најлесната можна, вели Милков и додава дека според законот на Македонија за ова дело се изрекуваат од 6 месеци до 5 години. Треба да се очекува релативно посериозна казна, но ова е одлука на независниот суд на Македонија, додава Милков.
– И едното и другото дело, извршено во текот на неделата, претставуваат манифестација на омраза. Тие праќаат порака и до луѓето во РСМ и до нас, а тоа не е позитивно, нагласува Милков.
Тој рече дека треба да се обрне внимание на тоа дека јазикот што го користеле на натпреварот го користеле политичарите.
– Ова е слика на обиди за еродирање на досега постигнатите договори и им сугерира на граѓаните во РСМ каде се наоѓа државата во однос на преговарачкиот процес на РСМ со ЕУ. Обидите за слободно толкување на францускиот предлог и создадената атмосфера во ПКМ не го фаворизираат процесот. Има долг пат, нагласи Милков.
На прашањето на БГНЕС „дали резултатот е 3 спрема 1 во корист на Македонија, како што коментира министерот за надворешни работи Бујар Османи“, Милков одговори дека не би сакал да навлегува во речникот на фудбалски агитации.
– Мислам дека ова не е фудбалски натпревар. Оваа реакција не ја сметам баш соодветна, нагласи Милков.
И додаде дека сепак сфаќа и се труди позитивно да гледа дека се работи за декларации наменети за внатрешна употреба.
– Никако не го менуваат тоа што е обврска на РСМ, како во однос на нашиот билатерален договор, така и во однос на спроведувањето на францускиот предлог. Работите од правна и надворешна политика се јасни, внатрешната комуникација со неговите избирачи е негова работа, заклучи министерот Милков.