Чешкиот претседател Милош Земан по повод замрзнувањето на активностите на Вишеградската група изјави дека укинувањето на оваа неформална група за регионална соработка поради проруските ставови на унгарскиот премиер Виктор Орбан, како што се бара во Чешка, Полска и Словачка би било наивно и глупаво.
– Овие луѓе се наивни да не речам глупави. Нема да го користам како примарен аргумент дека Вишеградската група е основана од Вацлав Хавел, но нивната логика се заснова на фактот дека сојузот на неколку земји се заснова на природата на владата и исходот од изборите во тие земји. Тоа е таква глупост што не можете а да не ја видите, рече Земан во интервју што денеска го објави чешкиот дневен весник „Млада Фронта Днес“.
Чешкиот претседател, кој испрати слични честитки до Виктор Орбан и до српскиот претседател Александар Вучиќ по изборите на 3 април, истакна дека е меродавна големата поддршка што ја имаат од народот, а не критиките од светот или независните медиуми, и нагласи дека исходот од изборите треба да се почитува.
– Јас сум воспитан така што треба да ги почитуваме изборните резултати без разлика на се. И треба да ги почитуваме мислењата на странските политичари, какви и да се тие. Што се однесува до мене, мислам дека треба да и помогнеме на Украина. Мислам дека војната во Украина е пред сè чин на агресија кој изненади многумина од нас. Поранешниот шеф на Бундестагот Волфганг Шојбле и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер си фрлаат пепел на главата исто како мене и се извинуваат, рече чешкиот претседател.
Изјавите на Орбан за војната во Украина вчера ги осуди најблискиот сојузник на Унгарија во В4, полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
– Сите лоши, несоодветни, неправедни зборови кои доаѓаат од главниот град на Унгарија мора да бидат осудени. Унгарската Влада исто така мора да биде недвосмислена во осудувањето на она што се случува во Украина. Нема исклучоци. Тоа е избор помеѓу вистината и лагата и ние стоиме цврсто на страната на вистината, рече Морајвецки на прес-конференција во Вола Карчевска во централна Полска.
Полскиот премиер рече дека нема да штеди сила и средства да ја затресе совеста на сите, а работата на групата е премолчено замрзната според договорот меѓу Полска, Чешка и Словачка, додека Словачка не го преземе претседавањето од Унгарија во лето.