„Заев не би бил Зоран доколку не ги менува ставовите и позициите“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека треба да се почитува уставното име во поднесената Резолуција до Собранието.

„Прво од СДСМ велеа дека Резолуцијата не е потребна и е хир на ВМРО-ДПМНЕ, потоа кога видоа дека во јавноста има добар одек, рекоа дека ќе ја поддржат, за вчера да слушнеме дека на Заев не му пречи содржината туку формата и името Северна. Оваа резолуција не се однесува на Грција и Преспанскиот договор. Резолуцијата се однесува на спорот со Бугарија. Нешто што граѓаните во Македонија ги обедини околу црвените линии. Дека не треба да се преговара за идентитетот, за јазикот, за толкувањето на историјата“, посочи Милошоски, додавајќи дека оваа Резолуција е во согласност со МАНУ и УКИМ.

Според него, таа е натпартиска и спикерот Џафери треба што побрзо да ја стави на дневен ред.

„Ако СДСМ смета дека треба да има „Северна Македонија“ во формата нека го направат тоа, но да не ја менуваат содржината“, потенцира Милошоски.