Почитувани,

Во тек е Извршниот комитет имаме седница и ВМРО-ДПМНЕ уште на првата точка разговараше за актуелната политичка состојба, поврзана со предложените владини уставни измени во Собранието.

Првиот заклучок беше поддршка и благодарност од страна на Извршниот комитет за сплотеноста на пратеничката група и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои што покажаа дека ја почитуваат волјата на народот и се против вакви наметнати уставни измени под диктатот од официјална Софија.

Втората тема која што исто така ја разговаравме во овој контекст е апел и барање до претседателот на Собранието да не го злоупотребува Деловникот. Тој е таму на таа позиција за да се овозможи да се носат одлуки, без разлика дали одлуката и се допаѓа на власта или не и се допаѓа.

Тоа што Ковачевски и Ахмети се разочарани што немаат едвај 70 пратеници, не значи дека на другите пратеници не треба да им се дозволи да гласаат и да се види дека оваа иницијатива е пропаднат проект на СДС и ДУИ.

И третата работа која што сметаме дека е политички исправна и потребна за Македонија во овој момент, е заклучокот на Извршниот комитет дека оваа власт е делегетимирана.

Легитимитетот на СДС и ДУИ, не само во однос на уставните измени, но исто така и во економијата, образованието, пензионерите, студентите, стопанството, е целосно нарушена и не нудат решение, туку создаваат повеќе проблеми. И затоа сметаме дека излезот од ваквата состојба би биле предвремени парламентарни избори во текот на оваа година.

Тоа би требало да се договори со консензус на сите политички партии, да ги направат во најкус можен рок потребните измени и дополнувања на Изборниот законик и да одиме на избори за да може граѓаните кои го носат суверенитетот да ја донесат одлуката за решенијата за ваквата проблематична состојба во која што власта ја донесе Македонија.