Мене ми пречи селективноста на премиерот, со едното око гледа што прави претседателот на синдикатот и му наоѓа семејни врски, дека татко му уште од времето бил во југословенска авијација и сл. А, се прави дека не гледа дека снаата на Артан Груби, дека сестрата на Бујар Османи и дека два зетовци и еден син на Ејуп Алими и на Беким Незири се вработени во М-НАВ, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во емисијата на Радио Лидер.
Милошоски додаде дека со инцидентот во М-НАВ се нанесе голема штета на репутацијата на Македонија не само во регионот туку и пошироко.
„За жал тоа што се случи во М-НАВ нанесе голема штета на репутацијата на Македонија, не само регионално туку пред се во имиџот и перцепцијата на Македонија пред ЕУ. Бидејќи ова би требало да биде институција сосема надвор од семејни стебла, институција каде што ќе доминираат стандардите, строги стандарди кои што треба да се исти и во Лондон, и во Виена, и во Скопје, и во Берлин итн.“, појасни тој.
„Има една хипокризија токму кај министрите од ДУИ, еве да кажеме Артан Груби и Бујар Османи, на едниот сестра, а на другиот снаа вработени во М-НАВ. Јас навистина се чудам зошто овие двајца министри не ги понудија своите најблиски да работат во фабриката за електрични автомобили во Тетово“, запраша Милошоски.
Тој посочи дека ДУИ е сведена на партија која што има силен ПР, а од друга страна има слаба реализација на проекти. Ветуваат сега тунел Тетово – Призрен, а не можат да направат ни три километри од автопатот Скопје – Блаце