„Овој билатерален проблем се европеизира. Наместо да ние имаме стандардни услови за Копенхашки критериуми ние треба да се надмудруваме за историски прашања пред 100 или 200 години. Што воопшто ова не е европски принцип“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Милошоски додаде дека Бугарија никогаш досега, до 2020-та година не го поставила прашањето за уставни измени и за внесување на дел од бугарскиот народ.

„Тука не би го потценил ниту однесувањето на македонската Влада, како мотив за ваквото однесување и став на официјална Софија. Затоа што вие кога настапувате од позиција на доброволна потчинетост тогаш секој сосед ќе гледа да ја искористи таа потчинетост ако вам не ви пречи како држава и како нација. Така што однесувањето на Заев и однесувањето на Ковачевски со една сервилност и потчинетост, внатре потчинетост кон ДУИ, а надвор потчинетост кон официјална Софија, мислам дека Бугарија сосема добро ја искористи. Но, не треба да значи дека секој следен треба да ја продолжи оваа погрешна тактика“, појасни тој.

Тој посочи дека смета дека Македонија треба да има избори, да го даде суверенитот на одлучување кај граѓаните, да си излезат партиите со предлози како овој создаден проблем може да се надмине и довербата на граѓаните да биде главниот суд.

„Денес се објави веста, пред четири часа од Олаф, Агенција за борба против злоупотреба на европските фондови, од 36 злоупотреби во регинотот на Западен Балкан, 18 се водат за Македонија. И сметам дека таквото однесување за македонската Влада е поразителна, тоа е антиевропско однесување“, рече Милошоски коментирајќи ја неспособноста на Владата и криминалот кој што се повеќе го има во државата поради владините функционери.