Антонио МИЛОШОСКИ

Ова е извадок од предлог преговарачката рамка на ЕУ, во која има сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови за Македонија:

1. Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија станува составен дел од преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати.

2. На Македонија И се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отварање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција.

3. Процесот на Стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната Декларација на Бугарија од 2019 година .

Ковачевски, иако тврди дека не бил во тек со преговорите, овој текст го имал на увид уште пред неколку недели, но со министрите Бујар Османи и Маричиќ не успеале да го заштитат основниот принцип за кој се залагаа многу пријатели членки на ЕУ, и кој И одговара на Македонија, а тоа е билатералните договори да не стануваат дел од рамката за преговори.

Ова е првичната реакција на Милошоски на документот кој денеска го објави БГНЕС, а кој мнозинството медиуми, како да се инструирани, го протолкуваа како добар, зашто ќе овозможел Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, што воопшто не е точно, освен доколку фото сесијата што би се одржала на 23 јуни во Брисел не се смета за такво нешто, посебно што предвидува уште два дополнителни протоколи чија содржина е тајна.

Текстот на целиот документ гласи:

Текстот на нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со Северна Македонија е со следнава содржина:

1.Повикувајќи се на своите заклучоци од 14 декември 2021 година, Советот ја поздравува континуираната определба на … Македонија да продолжи со реформската агенда на ЕУ и да постигне опипливи и одржливи резултати, што го отвори патот за одлуката за отворање на пристапните преговори во март 2020 година.

2.На патот на … Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и добронамерно спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

3.Во овој контекст, Советот го поздравува договорот за [билатерален протокол] (конечното име да се потврди) за спроведување на Договорот меѓу Бугарија и … Македонија. Овој важен чекор ќе придонесе за добрососедски односи и регионална соработка, кои остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација.

4.Исто така, ќе ги зајакне правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата и заедниците во … Македонија и, како такви, ќе придонесе за усогласување со политичките критериуми од Копенхаген. Во таа насока, Советот ја поздравува намерата на … Македонија приоритетно да иницира и спроведе релевантни уставни измени со цел во преамбулата на Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во државата и дел од други народи, како што се како Бугари.

5.Земајќи го целосно предвид овој напредок и континуираното усогласување со барањата во сите области идентификувани од Советот во јуни 2018 година, Советот одлучи да ја одобри Рамката за преговори и да одржи, во согласност со одобрената методологија, политичка меѓувладина конференција со … Македонија на 23 јуни 2022 година во Брисел на ниво на шеф на држава или влада за да ги претстави следните чекори во процесот на проширување по усвојувањето на Преговарачката рамка.

6.Советот, исто така, одлучува да свика нова Меѓувладина конференција за отворање на преговорите за пристапување на … Македонија во ЕУ и е подготвен да ја одржи без натамошно одлагање и без дополнителни политички одлуки, штом … Македонија ја исполни својата обврска за да ги изврши горенаведените уставни измени согласно своите внатрешни процедури.

7.Во овој контекст, Советот забележува дека Комисијата постигна напредок во спроведувањето и завршувањето на процесот на аналитички преглед на правото на ЕУ и е подготвена да ги претстави своите резултати на … Македонија во догледно време. Врз основа на ова, Советот ја повикува Комисијата да продолжи да ја оценува состојбата на подготовките на … Македонија за почеток на преговорите во одредени области и да ги идентификува најверојатните прашања што ќе се појават во текот на преговорите, почнувајќи од кластерот Основи, кој соодветно со преговарачката рамка ќе се отвори прв, откако … Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот.