Очигледно е дека власта не е подготвена во системското решение за законот за јавно обвинителство да прифати концепт во кој обвинителството ќе има поголема одговорност, но и поголема доверба од јавноста дека вистински се бори против организиран криминал и висока корупција, изјави по денешната средба на власта и опозицијата за законот за ЈО, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
– Последниот случај „Рекет“ само покажува дека обвинителката Рускоска кога станува збор за неподобни политички лица се однесува како обвинител, а кога станува збор за Катица и некои си Кики или Фрики се однесува како нивен адвокат, вели Милошоски.
Тој смета дека обвинителството во случајот „Рекет“ не се труди да открие повеќе докази и податоци, туку, како што рече, со одолговлекувањето, изгубените телефони и годишните одмори се труди како да сокрие повеќе докази за овој нивен скандал.
Сметаме, дополни Милошоски, дека во овој момент тоа се појавува како пречка во продуктивноста на разговорите кои ги водиме за законот за обвинителство.
Тој информира дека тие предложиле неколку системски решенија по однос на изборот, мандатот и структурата на Обвинителството за борба против организиран криминал и висока корупција и тие решенија, како што рече, не се врзуваат со личности согласно законот. Дале и забелешки дека не се согласуваат обвинителката Јанева и другите обвинители, како и сите вработени во СЈО по сила на закон да преминат во обвинителството за борба против организиран криминал бидејќи се сомневаат дека некои од нив можеби имаат улога во „Рекет“.
– Нашиот предлог, изборот на човекот што ќе го води Обвинителството за борба против организиран криминал и висока корупција да биде избор што освен Советот на јавни обвинители ќе ја вклучува и Комисијата за избор и именување во Собранието и ќе ја вклучува и опозицијата во предлагањњето на соодветни кадри при однапред услогласени критериуми заеднички со власта и исполнување на стаж и други квалификации што треба да ги поседува еден јавен обвинител, рече Милошоски, додавајќи дека не би им пречело јавен оглас за избор на обвинител.
Прашан дали разговарале за финансирање на јавното обвинителство тој рече дека како одреден заеднички именител што можеле да го постигнат е отприлика 0,4 проценти од државниот буџет што би одел за целото јавно обвинителство и смета дека тоа ќе помогне во финансиската независност на ЈО. Тоа, како што рече, од страна на колегите од СДСМ не беше одбиено и се согласуваат со тој концепт, но кажале дека дополнително мораат да се консултираат и да добијат согласност од заменик министерката за финансии Елези.
Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека власта не се откажува од обвинителката Рускоска.
– Очигледно е дека власта не сака да се откаже од Вилма Рускоска. Очигледно е дека Вилма Рускоска им е многу важна, да им служи не како обвинител, туку како адвокат на многу лица за кои во јавноста постои сомнеж дека се дел од мега скандалот „Рекет“, а се високи функционери на власта. Сметаме дека тоа не е начинот на кој треба еден јавен обвинител да се однесува, рече Милошоски.
Тој додаде дека во изминатите 30 години опозицијата има поголема мотивираност да открива скандали и да контролира работа на власта. затоа ова решение во кое опозицијата би била вклучена во начинот на избор на обвинител што власта би го изгласала со своето влијание во Советот за обвинители сметаме дека може да биде ееден врамнотежен предлог на контрола од страна на опозицијата кон власта и на поголема одговорност на јавните обвинмители кога станмува збор за актуелни владини функцинери на централно и локално ниво.
Милошоски најави дека следната средба се очекува во втората половина на август, по годишните одмори.