Главниот нарачател кој давал одредени инструкции во случајот „Рекет“, што беше обелоденет вчера, според пратеникот Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е дел од владејачка партија.
Милошоски во денешната изјава за медиумите во Собранието во врска со случајот за кој веќе се притворени две лица и и е одземен телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, рече дека СЈО наместо да биде контролор излегол надвор од своите надлежности и „станал партнер во криминални дела и корупција“.
Милошоски, кој е дел од работната група на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јавно обвинителство со кој што треба да биде опфатен статусот на СЈО, рече дека на актуелни министри во Владата им кажувале за одредени сознанија за незаконитости и пречекорувања на овластувањата во работата на СЈО.
– Во ова дејствување каде што прислушкуваните материјали биле злоупотребувани за бизнис рекет, а самата конструкција на тие материјали била наменета за политички уцени, е нешто што не смее да се случува да помине несанкционирано. Не е добро да се има Обвинителство под контрола на власта, но не е добро да се има и Обвинителство надвор од контрола на кого било, рече Милошоски.
Според него, овој настан може многу да помогне за создавање на еден добар закон за јавно обвинителство, каде што ќе има рамнотежа помеѓу овластувањата на обвинителството и контролните механизми, со цел тоа обвинителство да не излегува од рамките на своите надлежности и да не ја злоупотребува моќта и надлежноста што ја има.
Пратеникот на опозициската партија рече дека во оваа навидум пирамидално организирана структура за медиумско-политички рекет има одредени имиња кои се шпекулираат во јавноста и кои биле вклучени во него, но оти не верува дека се уште некој го споменал името на главниот нарачател.
– Според мене, главниот нарачател е надвор од Специјалното јавно обвинителство, но тоа го оставаме на истрагата во овие недели пред нас, рече Милошоски.
Главниот нарачател кој давал одредени инструкции како да се постапува и да се злоупотребува моќта на СЈО и на материјалите кои што се во нивни посед, како што тврди тој, е дел од владејачката структура.
– Моќта во државата секогаш ја имаат политичарите кои се дел од власта, рече опозицискиот пратеник.
Милошоски изјави дека за време на разговорите за законот за јавно обвинителство било побарано да се формира анкетна комисија за поголема отчетност на СЈО, но оти тоа било одбиено од страна на владејачките партии.
Милошоски, како што рече, не би сакал да прејудицира некаква вина, но индициите укажуваат дека СЈО наместо да биде контролор против корупцијата и криминалот излегол надвор од своите надлежности и станало партнер во еден дел на такви дејности.
Според него, тоа може да биде голем ризик за нашите евроинтеграции и угледот на државата, но вели дека доколку истражните органи темелно се зафатат и неселективно со расчистување на овој случај докрај не поштедувајќи лица без разлика дали биле обвинители или политичари, тоа може да биде и шанса за докажување дека правната држава сепак на крајот ќе го има последниот збор.