Ние го кажавме нашиот став. За ВМРО-ДПМНЕ цениме дека овој попис не ужива доверба и податоците ги сметаме за некомплетни. Во однос на тие 132 илјади непопишани, во однос на селективно попишани во дијаспора, во однос на менување на бројки кај атеисти во рок од една недела, како слаба обученост кај попишувачите во однос на религија и вероисповед и некои нелогичности, изјави Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за Канал 5.
-Ако имаме податоци во кои 1 или 2% од населението не се изјасниле лично за нивната припадност, тогаш може да кажете дека е во делот на некоја статистичка грешка. Но кога има отприлика 7% или 132.000 граѓани кои не се изјасниле по национална, верска, јазична основа и можеби други податоци, тогаш навистина пописот не може да се смета за комплетен, истакна Милошоски.
Милошоски посочи дека да биде парадоксот поголем гледаме дека има и за тие луѓе кои се административно попишани има податоци кои можат да бидат употребени но власта како да не сакала да ги употреби.
-Ако некој е вработен во Државен завод за статистика и не се попишал, тој како вработен таму има лично и на своја волја потпишано формулар за своето образование и за својата национална припадност. За него има податоци и во МВР и во управа за матични книги. Ако сакале статистика можеле да ги добијат тие податоци. Или не морале да брзаат, можеле да почекаат уште некој месец да најдат соодветен начин да ги обработат овие податоци, изјави тој.
Тој истакна дека очигледно е дека на пописот повеќе сакаа да му дадат тон на политичка операција, па дури и се сомнева дека и сакаат ова да биде тема затоа што немаат добри теми во економија, образование и да биде ова јаболко на раздор, иако истиот има поразителни факти.
-Пописот има и поразителни факти на ниво на Македонија. Земете ја општина Кичево каде во 2002 година живееле 30.000 Албанци, а денес се 16.500, живееле 20.000 Македонци, денес се 16.100, а 2.000 се неизјаснети. Тоа значи дека откако е ДУИ на власт најмногу Албанци се иселиле од Кичево и денес се жители на Швајцарија, Германија или некоја друга држава. И тоа не успех ниту за власта ниту за државата, вели тој.