Една победа го дели Милвоки бакс од финале во Источната конференција во разигрувањето за титулата во НБА-лигата по победата остварена ноќеска на гостувањето кај Бостон.
Предводени од Јанис Адетокунбо кој имаше дабл-дабл ефект со 39 поени и 16 скока, Милвоки го доби натпреварот со 113:101 и поведе со 3-1 во серијата прв до четири победи.
На вториот натпревар одигран ноќта меѓу понеделник и вторник, Хјустон беше поуспешен од шампионот Голден стејт со 112:108 за изедначување на 2-2 во полуфиналето на Запад.
Џејмс Харден со 38 поени и 10 скока беше најдобар играч во домашниот тим, кај гостите Кевин Дурант даде 34. Стеф Кари 30 поени.