По одлуката на Економско-социјалниот совет за покачување на минималната плата на 18.000 денари, синдикалните организации апелираат да се почитуваат колективните договори и член 8 од Законот за минимална плата за скалесто покачување и на останатите плати.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) вчера реагираше дека треба и останатите плати скалесто да се покачат, во спротивно најавија дека ќе бидат приморани да ја активираат одлуката донесена во ноември и незадоволството на вработените да го изразат преку протести или преку други форми на штрајк.
– Со зголемување на минималната плата и немањето слух на Владата скалесто да се покачат и останатите плати ќе се оствари тоа што Синдикатот на УПОЗ го прогнозираше, а тоа е крах на системот на плати во администрацијата и правосудството, изјави вчера претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Со новата вредност на минималната плата, велат од Синдикатот на УПОЗ, Владата ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата. Со самото тоа, велат од УПОЗ, ќе се зголеми процентот на вработени кои примат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти.
– До ваквата ситуација дојдовме поради фактот дека од моментот на воведување на минималната плата во 2012 година па до последното зголемување во понеделникот, минималната плата ќе се зголеми за неверојатни 120 проценти, а платите во администрацијата и правосудството од 2012 година досега се зголемени за 9 или 10 проценти. Исто така, во последните години со политиките на Владата во одредени сектори на јавниот сектор платите се зголемени дури до 25 проценти, а платите во администрацијата и правосудството не се зголемија ниту еднаш, посочи Деаноски.
Едно од клучните барања на Синдикатот на УПОЗ упатено до Владата е заедно со измената на Законот за минималната плата по скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата да се земе како основ на плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека покачувањето на платите кои не се дел од минималната плата, е дел од колективното договарање.
– Во одредени сектори веќе имаме зголемување на платите. Тоа особено се направи во делот на здравството, во делот на негувателите, а исто имавме обид за зголемување на платите во наставниот кадар. Поднесовме закон во Собранието за трансформирање на работниот однос на 4.700 наставници од определено на неопределено време при што беше дефинирано и платата да расте со коефициент поврзан со минималната плата, рече Ковачевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека растот на минималната плата без соодветен раст на останатите плати нема да го постигне ефектот на праведност. Најавуваат дека амандмански ќе бараат доследно почитување на колективните договори и коефициентите на сложеностна работните места.
– СДСМ најмалку што може е веднаш да направи ребаланс на буџетот со кој ќе се зголемат и дотациите на општините од страна на Владата за целосно да се почитуваат правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата, посочија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Сојузот на синдикати на Македонија од каде бараа зголемување на минималната плата на 18.000 денари, но и скалесто усогласување на останатите плати во државата, и вчера потсетија дека треба да се применува член 8 од Законот за минимална плата и да се почитуваат колективните договори.
И Независниот академски синдикат (НАкС) вчера го поздрави покачувањето на минималната плата. НАкС смета дека тоа ќе го подобри статусот на работниците со најниски плати и е во насока на подобрување на нивниот животен стандард. Но, и оттаму порачуваат дека покачувањето на минималецот треба да се одрази и на висината на останатите плати во јавниот сектор, чиј коефициент е врзан за минималната, но и за просечната плата.
НАкС очекува дека изменетата методологија за пресметка на минимална плата ќе се почитува доследно, но дека истовремено ќе се почитуваат и останатите законски прописи и колективни договори кои ја уредуваат оваа материја.
Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се усогласат и платите во јавниот сектор, вицепремиерот за економски прашања Битиќи завчера укажа дека усогласувањето на платите е дел од законското решение и дека усогласувањето ќе биде направено со член 8.
– Сите плати треба да се усогласат со минималната плата. Нема поделба на јавен и приватен сектор. Законите се носат врз основа на параметри кои треба да овозможат праведност и правичност, рече Битиќи.
Осумдесет илјади граѓани ќе добијат 18.000 денари минимална плата во април. Владата завчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет.
Со овие измени, најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари. Во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.