Инфлацијата во мај годинава достигна 11,9% најмногу како резултат на растечките цени на прехранбените производи, како што објави Државниот завод за статистика. Тоа доведе и до драстично зголемување на вредноста на синдикалната минимална кошничка, која секој месец ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), а во која се содржани минималните месечни трошоци за едно четиричлено семејство.

Така, минималната кошничка според ССМ, за мај годинава изнесува 38.791,00 денари. Таа во јануари беше 35. 811.00 денари, што значи дека сега е „потешка“ за 2.980.00 денари, односно за 8,32 %.

А, само за една година, или во споредба со мај 2021 година, кога кошничката беше 34.156,00 денари, сега е зголемена за 4.635,00 денари односно за 12,78%.

Јасно е дека, зголемувањето на вредноста на минималните месечни трошоци е поради континуираниот, енормен пораст на сите цени. Според ДЗС, најголем раст на цените во мај има кај храната и пијалоците кои се повисоки за 17 отсто споредено со мај 2021 година.

Поради растот на цените и на инфлацијата што го намалува животниот стандард, ССМ бара од Владата зголемување на платите на сите вработени, како во јавниот така и во приватниот сектор, за најмалку 2.806 денари. Во спротивно за 22 јуни е најавен генерален штрајк.