Албанската министерка за образование и спорт Евис Куши најави дека поради лошото време во Албанија наставата во 56 училишта привремено ќе биде прекината.
Куши рече дека одлуката е донесена за да се заштитат учениците и наставниците додека не се подобри ситуацијата. Таа информираше дека изгубените часови ќе се надоместат подоцна според календар што ќе го утврди главната дирекција за предуниверзитетско образование.
Куши им се заблагодари на родителите и учениците за разбирањето и истакна дека ќе се направи сè што е можно за да се вратат во нормални услови.
Во последните 24 часа поројни дождови наврнаа на територијата на цела Албанија. Најпогодени во моментов се северните градови Лежа и Скадар, а голем број населени места во земјата останаа без струја, информира Еуроњуз Албанија.
Утрово некои од главните патишта во централна Албанија се блокирани од снежни врнежи, јави Албанската радио-телевизија.