Министерката за правда Рената Десковска се надева дека од јануари ќе го заземе местото на професорката Тања Каракамишева во Венецијанската комисија.
Десковска вечерва на Фејсбук ја објави својата кандидатура:
– Се надевам дека од јануари, по истекот на мандатот на постојниот член на Венецијанската комисија, ќе можам да придонесам за целосно хармонизирање на нашето законодавство со европското. Земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари, доколку истите ги исполнуваат условите, заради подиректна соработка со комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија чиј претставник е заменик министерот за правда, Романија, Унгарија… Секако, во моментов е само номинација…, објави Десковска на Фејсбук.
Како што е веќе познато, еден од проектите донесен за време на мандатот на Десковска, наиде на сериозни забелешки токму во Венецијанската комисија каде што планира да стане член. Станува збор за законот за јазиците донесен во Република Македонија во време кога Десковска е министерка за правда.