Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска и утре ќе учествува на Економскиот форум Делфи во Грција, каде ќе говори на панелот посветен на безбедносните прашања на Западниот Балкан.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на маргините на економскиот форум, министерката Петровска ќе има средби со министерот за одбрана на Грција Николаос Панагиотопулос, со министерката за надворешни работи и вицепремиерка на Косово Доника Гервала Шварц, со американскиот заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Габриел Ескобар, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак, и со претседателот и основач на ГЛОБСЕК, Роберт Вас.
Економскиот форум Делфи е непрофитна организација, посветена на промоција на иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран. Седмиот економски форум Делфи кој се организира под насловот „Нови реалности“, ќе биде домаќин на истакнати личности од областа на политиката, вклучувајќи европски претседатели, премиери, еврокомесари и министри, како и научници, универзитетски професори, претприемачи.
На форумот ќе учествуваат 760 говорници од 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството, културата итн.