Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети ОВР Кавадарци и Регоналниот центар за гранични работи Југ.
На состанокот со старешинскиот кадар на ОВР Кавадарци и со началникот на СВР Велес се разговарало за безбедносната состојба на станичното подрачје и за вообичаените тековни активности.
Во соопштението од МВР стои дека министерот Чулев посочил за зголемена ефикасност и превенирање на кривичните дела поврзани со личната сигурност на граѓаните и нивните имоти.
– Исто така, беше дадена насока за навремено подготвување за изборниот процес и собирање информации за намери на нарушување на изборите. За време на посетата на РЦ Југ министерот беше брифиран за моменталната состојба на границата со Грција долга 256 километри во однос на илегалната миграција и шверцот на добра, како и соработката со полициските службеници од пријателските земји кои и помагаат на нашата полиција за обезбедувањето на јужната граница, стои во соопштението од МВР.
Со оглед на тоа дека Собранието ја продолжи кризната состојба, министерот Чулев го потенцирал значењето и работата на овој регионален центар во спречување нови бранови на илегални мигранти, земајќи ја в предвид состојбата во земјите на потекло на лицата кои вообичаено ја користат територијата на нашата држава за транзит.