Двајца наставници од велешкото основно училиште Блаже Конески вчера добиле решенија за директори, едниот од градоначалникот Марко Колев, а другиот од министерот за образование Јетон Шаќири, објави А1он.
Градоначалникот Колев изготвил решение за назначување на в.д. директор откако од просветниот и општинскиот инспектор биле утврдени неправилности во постапката за именување на директор на истото училиште.
Но, исто така и министерот Шаќири изготвил свое решение.
– Министерот според оваа постапка се поставил над Законот за основно образование и надвор од неговата надлежност поставил негов директор игнорирајќи ги записниците од инспекторите. Според истиот закон надлежен орган за назначување на директор или в.д директор е градоначалникот, но не и министерот. Очигледно е дека има прекршување на законите во поглед на надлежностите, но дали некој ќе реагира, велат извори за А1он.
Министерот за образование слично постапил и во средното хемиско училиште Димитрија Чуповски во Велес, каде најпрвиин ги одзеал ингеренциите од градот и потоа назначил в.д. директор, но во случајот со ОУ Блаже Конески не бил испочитуван законот.