Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел имаат средба на која ќе разговараат за владеењето на правото во земјите членки, буџетот на ЕУ и за Брегзит.
Како што јави МИА од Брисел, состанокот започна утрово со дискусија за состојбата со владеењето на правото во Полска, по што следува анализа на процедурата за активирање на „членот седум“ за Унгарија.
Европскиот парламент минатиот месец гласаше за овој член, односно суспендирање на правото на глас на Будимпешта во Советот на ЕУ поради „нарушеното владеење на правото“ во оваа земја. Топката е сега во рацете на земјите членки.
Пред почетокот на состанокот, белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс изрази надеж дека ЕУ ќе успее да најде решение за поефикасна контрола врз земјите членки во оваа област.
– Треба да се движиме кон взаемна ревизија во областа на владеењето на правото како што правиме за буџетот, сѐ повеќе земји се изјаснија за ова и се надевам дека ќе можеме, пред изборите, да работиме на принципот на анализа на владеењето на правото во секоја земја членка, наместо да чекаме да се појави крупен проблем пред да се придвижиме, изјави Рејндерс.
Министрите ќе го подготвуваат претстојниот самит на ЕУ кој треба да се одржи на 13 и 14 декември и на кој се очекува темелна дебата за повеќегодишната финансиска рамка на Унијата. Со напуштањето на Обединетото Кралство, ЕУ мора да ги ревидира расходите и приходите за наредните години. Европската комисија предложи и крупна реформа на заедничката земјоделска политика, која предизвика несогласувања во повеќе земји членки.
– Се надевам дека дебатата за финансиската рамка ќе напредне, сакам да ги усогласиме трошоците за одбрана, безбедност, истражување со задржувањето на солидни политики во областа на земјоделството и кохезијата. Или ќе бидат потребни дополнителни придонеси или дополнителни сопствени ресурси, изјави Рејндерс пред почетокот на состанокот.
Голем исчекор во делот за Брегзит не се очекува денеска. Земјите на ЕУ велат дека се во исчекување на знак од страна на Лондон, посебно во делот на ирската граница и царинската унија за да свикаат вонреден самит на кој би можел да се најави договор за Брегзит. Сепак, шансите овој самит да се одржи во текот на ноември се сѐ помали.
– Не можеме да брзаме, ова е договор кој ќе трае и треба да биде добар. Немаме посебни рокови, мораме да ги запазиме парламентарните процедури во Обединетото Кралство, потребно ни е време за договор, изјави пред состанокот Мартин Каланан, британскиот министер задолжен за Брегзит.