Во работата на Министерството за одбрана приоритет е секој војник и неговите потреби за извршување на задачите, со цел остварување на предвидените планови за исполнување на мисиите и задачите на Армијата, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска која денеска ја посети касарната „Кузман Јосифовски –Питу“ во Тетово.
Таа напомена дека посебен фокус е ставен на поддршката на цивилните власти и граѓаните во справување со заканите и ризиците од природни катастрофи.
За време на посетата, министерката беше придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а претпоставените старешини ја информираа за условите за работа на припадниците на Армијата и нивните тековни активности.
Петровска изврши увид во борбената готовност на единицата во касарната, како и нивната обученост и подготвеност за извршување на задачите.
– Со обиколката на тетовската касарна и објектите на Попова Шапка од страна на министерката Петровска и началникот генерал Ѓурчиновски беа согледани нивните капацитети, функционалноста и условите за живот и работа во нив, како и за идна рекреакција и спроведување на плановите за обука во нив. Притоа, од страна на министерката Петровска беше искажана благодарност до војниците и старешините за посветеноста во извршувањето на поставените задачи и обврски, стои во соопштението од Министерството за одбрана.
Министерката била информирана за прашања поврзани со функционирањето на службата, од нормативно-правна природа и актуелни прашања од интерес на Армијата во Тетово, како и за објектот на Попова Шапка за што, како што се наведува во соопштението, ќе се вложат напори предвидениот проект да биде целосно завршен.