Министерството за здравство соопшти дека иницира Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши инспекциски надзор во Општата болница во Кавадарци во врска со случајот со починатото новороденче.

Од болницата денеска соопштија дека бебето со иницијали У.М. на возраст од два месеца кај нив било примено поради обилно повраќање по хранење.

СВР Велес претходно соопшти дека синоќа во ОВР Кавадарци е пријавено дека околу 21:35 часот на детското одделение во Општа болница Кавадарци починало бебе на возраст од два месеца.

-Според пријавеното, бебето било хоспитализирано на 12.01.2026, но починало, и покрај дадената медицинска помош и направена реанимација. Лекар констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција, соопшти СВР Велес.

Како што претходно објавивме бебето во болницата било примено поради обилно повраќање по хранење, соопштија денеска од болницата, откако СВР Велес информираше за смртта на двомесечното бебе и дека неговото тело е дадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Во соопштение до јавноста, директорката Гордана Ѓорчева-Камчева изрази сочувство до родителите и појасни каква била здравствената состојба на бебето при неговата  хоспитализација.

– Доенче со иницијали У.М., на возраст од два месеца, беше примено на Одделот за педијатрија на 12.01.2026 година, поради обилно повраќање по хранење. Во текот на деновите кога е тука, на нашиот оддел, детето е со уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање, информираше директорката.

По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог.

-Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но, за жал, без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта, појасни директорката.

Фото: архива