Вонредниот инспекциски надзор кој во изминатите два дена го изврши комисијата формирана по барање на министерот за здравство, Венко Филипче, покажа дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата против мали сипаници се со важечки рок и целосно безбедни, информираат од Министерството за здравство.

Објаснуваат дека контрола била извршена во повеќе вакцинални пунктови, при што детално биле проверувани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот.

„Утврдено беше дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Надзорот констатираше дека од страна на увозникот, компанијата ‘Македонија лек’ бил направен технички пропуст. Имено, компанијата ‘Македонија лек’, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата ‘Македонија лек’“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Од таму апелираат до родителите и граѓаните да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата.

Денеска (07. јануари) заклучно со 13:00 часот вакцинирани се 23 деца со МРП вакцина, односно досега вакцинирани се вкупно 1.102 деца. Ресорното министерство воедно соопшти дека вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, од утре (08. јануари) ќе работат во две семени, од 07:30 до 19:00 часот.

Додаваат и дека во моментов нема нови потврдени случаи на лица заболени од морбили (мали сипаници).