Без премиерот Ковачевски, присутните вицепремиери и министри не донеле конечна одлука како да си ги скратат функционерските плати. На денешната владина седница се расправало за предлог за измените на закон за платите и надоместоците на функционерите кои во март со одлука на Уставниот Суд пораснаа за 78 отсто, потврди за Телма надлежната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Биле расправани повеќе варијанти како да се намалат функционерските плати кои имаа метеорски раст напролет, но конечната одлука ќе се донесе кога од пат, од Тирана ќе се врати премиерот Димитар Ковачевски. Министерката не открива детали кои решенија се понудени, а повеќе детали даде вицепремиерот Фатмир Битиќи кој во гостување на ТВ 24 тврдеше дека заштедените пари ќе се користат за анти-кризни мерки.
Функционерите досега зедоа шест полни плати со 78 процентно покачување. Покрај премиерот и министрите, подлабоки паричници добија и Претседателот на државата, и судиите и обвинителите, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија. Потегот ги разгневи сите категории граѓани, особено вработените во јавниот скетор и пензионерите, кои добиваа едноцифрени покачувања. Речиси седум месеци по одлуката на Уставниот суд, министрите конечно прифатија да расправаат за измена и за рикверц на нивните плати, само неколку месеци пред парламентарните избори.