Министрите за надворешни работи на земјите членки на Евроспка унија денеска се дистанцираа од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ и САД се непријатели.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас истакна дека Европа денес не може да се потпре на Трамп откако тој ја нарече ЕУ „непријател“ на САД во трговската сфера.
– Не можеме повеќе целосно да се потпреме на Белата куќа. Ние мораме да го прилагодиме партнерството со САД, а и повеќе да се усогласиме во Европа, наведе Мас.
Тој додаде дека Европа не смее да дозволи да биде поделена без оглед на острите вербални напади и апсурдни твитови.
Во меѓувреме, австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсел истакна дека „Австрија сигурно не гледа непријател во САД, а исто така ниту ЕУ“.
И шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн упати критика кон Трамп.
– Се надевам дека додека играше голф во Шкотска, каде е свеж воздухот, Трамп успеал нешто појасно да ги согледа категориите непријател и кој не е непријател. Ако Русија и Кина се конкуренти на САД и Европа непријател, тогаш тука има некаков проблем. Се надевам дека светот во главата на Трамп не е во целост извитоперен, наведе Аселборн.
Во меѓувреме и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини реагираше на изјавата на Трамп.
– Ако јас бев новинар ќе го прашав претседателот на САД, Доналд Трамп кои му се пријатели. За нас е многу јасно кои се наши пријатели и САД со сигурност се помеѓу нив. Повеќе пати сум кажала дека промената на власта не го менува пријателството помеѓу државите и народите. За нас, сигурно, САД се близок пријател и партнер. Така и ќе остане, потенцира Могерини.
Претходно, и првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск преку Твитер му порача на Трамп дека САД и ЕУ се најдобри пријатели.
– Америка и ЕУ се најдобри пријатели. Тој што вели дека сме непријатели шири лажни вести, напиша Туск на неговиот профил на Твитер.
Трамп подолго време ја критикува Европската унија, како поради нејзините мигрантски политики, така и поради трговските односи со САД, а го поддржа и излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
– Мислам дека Европската унија е непријател, она што ни го прави во трговијата. Вие не би помислиле на Европската унија, но таа е непријател, изјави Трамп во интервју што го даде во Шкотска, каде за Кина рече дека е економски непријател на САД, а за Русија дека е непријател во одредени области.