Мирен протест во центарот на Атина што заврши на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент, се одржа претпладнево во рамките на 24-часовниот штрајк што утрово го започна синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

 

Главните барања на синдикатот, како што беше истакнато и за време на протестот, пред сè се однесуваат на платите и работничките права, но и против владината одлука да предложи ревизија на уставната одредба што се однесува на трајното вработување на државните службеници и воведување систем за нивно оценување.

 

Поконкретно од АДЕДИ бараат: враќање на 13 и 14 плата, реални зголемувања на платите за, како што велат, достоинствен живот; задржување на принципот на трајно вработување; проширување и зајакнување на додатокот за опасна и нездрава работа; масовни вработувања на постојан кадар во јавниот сектор, особено во здравството, образованието и социјалното осигурување; суштинско зајакнување на Националниот здравствен систем.

 

Поради штрајкот денеска во Грција не работат државните служби, додека пак со учеството и на федерацијата на просветните работници, проблеми имаше во наставата во одредени училишта, во зависност од одлуката за учество на секој наставник поединечно.

 

Протести, освен во Атина, се одржаа и во други грчки градови.