Мирјана ИВАНОВСКА

Еве го и мојот став, како професор во предметна настава во основно училиште.
Голем дел од децава и во нормални услови се како избркани од домa, доаѓаат во школо пола саат-саат пред настава, а по часови седат по цел ден во дневен престој ако веќе не се во целодневна. Не навлегувам во поединечни случаи, ама во многу семејства едноставно нема кој да го чува детето дури се родителите на работа, и мислам дека тоа е една од главните причини што некои родители инсистираат да има класична настава од септември.
Факт е дека како професори подобри и поверодостојни резултати постигнуваме во училиште, но во ситуацијата апсолутно тврдам дека училиштата не се доволно безбедни и се не само потенцијален, туку сигурен извор на зараза. Не се сложувам ни со оние глупости два дена во училиште, три дома, ние професорите сме секој ден истите и ние ќе бидеме тие што ќе го пренесат вирусот.
Наизменичното одење во училиште е неизводливо од причина што ние како наставници сме истите, на пример ако закачиме вирус од едно дете, ќе го разнесеме во сите одделенија каде предаваме, па другата недела на тие деца што не биле претходната недела, и така… Не може да се запази хигиената до степен на потполна дезинфекција на училници, ходници, тоалети, кваки на врати, клупи, столчиња, спортска опрема…
Знаејќи ги нашиве деца, повеќето од нив носат униформа само на час, на одмори се соблекуваат, па истото ќе го прават и со маските, ќе ги носат пред нас а само што ќе бидат без надзор ќе ги тргаат. Се гушкаат, бакнуваат, си позајмуваат училишен прибор, играат надвор, кога не ги пуштаме надвор беснеат низ училница…
Ако часовите се скратени и без одмори, би добиле непрекинат час што трае три саати, се менуваат само предавачите. Невозможно е да се зборува со маска три саати, а невозможно е да се задржи вниманието и концентрацијата на учениците, со класична настава веќе се уморни на последните часови, а не пак ако немаат одмори.
Мене би ми било многу полесно да држам часови на училиште, ќе можам индивидуално да гледам кој што работи и колку сфатил, дали сам пишува вежби и домашно, препишува или родителите му пишуваат и сл. Ама од епидемиолошки аспект, побезбедно е онлајн настава, ама вистинска ефективна онлајн настава а не импровизација колку да се каже дека имало настава. За тоа треба и соодветна подготовка, обуки и сл.
Знаењата се надградуваат и стекнуваат цел живот, но здравјето и човечките животи се бесценети.