Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска присуствуваше на промоцијата на новата артилериската батерија во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Батеријата се состои од шест хаубици 105 mm, „Боран“, како и друга поврзана опрема.
– Безбедноста е столбот на една нација. Без безбедност нема просперитет, нема економски напредок. Затоа продолжуваме да инвестираме во АРМ и континуирано ја градиме со секој изминат ден. Историски буџетот е најголем во последните 30 години, и историски модернизацијата е највисоко нив. Затоа им благодарам на Владата и на премиерот Мицкоски, изјави министерот Мисајловски.
Владата издвојува над 30% од буџетот за модернизација на армијата и со вакви проекти се повеќе армијата се приближува до НАТО стандардите.
– Оваа нова опрема која што е дел од вооружувањето на артилерискиот батаљон, артилериска батерија со 6 хаубици „Боран“, влијае на сериозно зголемување на борбената готовност на армијата и нејзината способност да ја гарантира безбедноста на граѓаните на Република Македонија. Оваа борбена опрема е произведена во Турција согласно сите НАТО стандарди, потенцираше Мисајловски.
Министерот секако се заблагодари на Република Турција и најави понатамошна соработка, очекувајќи и набавка на униформи, шатори, снајпери и борбени возила.
– Инвестирањето во армиските капацитети ќе продолжи да се реализира со засилено темпо. Затоа што само така можеме да гарантираме дека стео она што го имаме, нашата слобода и нашите вредности, ќе бидат наша реалност и во иднината, додаде Мисајловски.