Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ оствари значаен напредок во изминатата академска година на полето на военото образование, сајбер-безбедноста, дигиталната трансформација, научно-истражувачката дејност и меѓународната соработка.

Ова го истакна министерот за одбрана, Владо Мисајловски, по денешното присуство на брифингот посветен на постигнатите резултати на оваа високообразовна и научна установа.

Мисајловски потенцираше дека академијата е клучниот столб каде што се образуваат и усовршуваат идните македонски офицери, питомци и припадници на Армијата, но и кадри кои доаѓаат од редовите на сојузничките и партнерските земји.

За успесите и постигнатите резултати, тој упати честитки до раководството и наставниот кадар.

„Честитки за успешната работа на деканот и професорскиот кадар кој неуморно и посветено работи за зголемување на квалитетот на наставата, стручноста и меѓународната препознатливост на Академијата“, порача министерот.

Тој ја потврди посветеноста на Министерството за одбрана во насока на дополнително модернизирање и подобрување на условите за студирање.

„Како Министерство за одбрана, продолжуваме со силна поддршка и инвестиции во инфраструктурата и современите услови за образование и обука. Инвестицијата во Воената академија е инвестиција во знаењето, професионалноста и иднината на македонската Армија“, истакна Мисајловски.