Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски и амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, присуствуваше на првото гаѓање со новите артилериски системи „Боран“ на полигонот Криволак.

-Нашите припадници успешно го реализираа имплементирањето на новите системи и уште еднаш покажаа дека се одлично обучени. Припадниците на Армијата се и остануваат наш прв приоритет, и затоа освен процесот на модернизација, нашиот фокус е ставен и на опремување на припадниците на Армијата со основна опрема. Тука имавме можност да проследиме и презентација на новата набавка на околу 4.000 воено – теренски униформи и очекуваме да пристигнат над 3.500 војнички чизми, а како приоритет се и набавките на комплети со снајперски пушки и теренски моторни возила кои се реализираат во рамките на Договорот за воено-финансиска соработка со Турција, објави Мисајловски.

Министерот изрази благодарност до амбасадорот Улусој и сојузничка Турција за пријателската поддршка која е навистина видлива.