Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на вклучувањето во вестите во 12.30 часот на телевизија Алфа рече дека денес се протестира во главниот град, бидејќи Зоран Заев распродава се што е македонско, а народот се информира од странски медиуми што прави премиерот.

-Ништо не се знае, не се знае за што се преговара Заев. Тоа е најлошо што може да му се случи на секој граѓанин. Замислете граѓаните треба да дознаат за што преговара премиер на нивна држава преку странски медиум, во случајов бугарски. Затоа сме тука ние пред Владата, пред МНР. Ова се институции кои мора да дадат одговор. Заев е најголемиот трговец на се што е македонско – рече Мисајловски.

Мисајловски посочи дека за разлика од СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ е партија што се грижи за интересите на македонскиот народ, на сите во државата.

-Тоа не е случај со власта. Сега ние имаме власт која се грижи за своите функции и за тендерите. Ние тоа нема да го дозволиме, нема да дозволиме да се распродава се што е македонско, идентитет, јазик, култура…- кажа Мисајловски.

Потпретесдателот Мисајловски ги повика сите да се придружат на протестот, бидејќи како што рече се работи за Македонија.

-Ги повикуваме сите партии, сите граѓани, ова е борба за Македонија. Заев одбегнува средби со опозицијата, Заев сака сам да тргува – посочи Мисајловски.

Поради штетните политики, рече Мисајловски, ние секој ден продолжуваме да го искажуваме незадоволството.

-Секој ден ќе бидеме на улиците, со граѓаните во сите градови и села. Целта ни е да прекине ова лудило на Заев. Заев и овие од власта немаат црвени линии. Ние ќе покажеме пркос се додека не се дознае за што разговара Заев. Едноставно мора да го сопреме – рече Мисајловски.