Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска рече дека барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сојузниците во НАТО да потрошат 5 отсто на годишно ниво од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана од денешен аспект изгледа невозможно, но дека ќе се направи обид издатокот да достигне 3 проценти.

Барањето од 5 отсто е огромно зголемување од ветувањето од 2 проценти за кое се согласија сојузниците на НАТО, иако се покажа проблематично за неколку европски нации. Тоа е, исто така, дури и многу повеќе од 4-те проценти што ги бараше Трамп за време на првиот мандат како претседател. На самитот на НАТО во Вашингтон минатата година, воената алијанса откри дека најмалку две третини од нејзините членки потрошиле 2 проценти или повеќе за одбрана оваа година, а само Полска ја пречекорила и границата од 4 проценти.

– Тоа е сериозна сума од 5 проценти. Многу влади би имале проблем да стигнат до 5 проценти, но она што се разговараше на последните состаноци на НАТО, на кои и јас присуствував на еден од нив, како и на НАТО-самитото во Вашинготн, беше кажано да се стигне над 3 проценти. Во овој момент е тешко и над 3 проценти да се стигне во која било земја. Нашата задача да вложуваме над 2 проценти од БДП и над 20 отсто од средствата за одбрана да бидат за модернизација ние ја исполнуваме, но ова ќе биде сериозен чекор. Јас знам дека во вакви времиња. на вакво тло,се бараат инвестирања постојано во дополнителна опрема и буџетот мора да расте.Сепак, да видиме дали некоја земја ќе го достигне овој процент. Ова сигурно ќе биде една од главните теми на првиот самит на НАТО на кој ќе присуствува Трамп во јуни-јули, рече Мисајловски во емисијата на „Слободен печат“.

Сепак се насетуваше дека европските членки на НАТО ќе мора да посегнат подлабоко во џебот за да ја оживеат слабата индустриска гранка за одбраната и да се спротивстават на потенцијална закана од Русија. Сепак, според експертите, зголемувањето на издатоците за одбрана на 5% се чини невозможно во актуелната економска ситуација, дури и за релативно побогатите нации.