На маргините на саемот за воена индстрија во Истанбул – IDEF 25, денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сретнаа со министерот за национална одбрана на Република Турција Јашар Ѓулер.
На средбата, како што информира Министерството за одбрана, беше истакната долгогодишната активна одбранбена соработка базирана на заедничката визија за одржување на стабилноста и безбедноста на регионот и развојот на двете земји.
– Продолжуваме да го јакнеме партнерството преку размена на знаење и стручност во сите области, беше заклучено на средбата.
Министерот Мисајловски се осврнал и на последната нова и софистицирана опрема која стана дел од арсеналот на Армијата – хаубиците „Боран“ од турско производство кои се дел од декларираната артилериска батерија на Лесната пешадиска баталјонска група. Притоа истакна дека: „македонската Армија е убедена во квалитетот на турската воена индустрија“ и упатил благодарност за континуираната поддршка од страна на Турција особено во развојот на армиските капацитети.
– Македонската Армија минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување, што несомнено е инвестиција во безбедноста на македонските граѓани. Посилна Армија значи и посигурна и побезбедна колективна одбрана во НАТО, рече министерот.
Вчеравечер, во рамки на посетата на Турција и учеството на саемот за воена индустрија IDEF 25, министерот Мисајловски се сретна и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција Халук Ѓорѓун со кого разговарале за развојот на воената индустрија и потребата од зголемени инвестиции во оваа област, како начин за зацврстување на безбедноста на сојузниците.
– Турската воена индустрија е од интерес за македонската одбрана, особено имајќи предвид дека Армијата веќе се опреми со шест нови хаубици 105 mm и придружна опрема од компаниите „Боран“ и „Аселасан“ кои неодамна беа промовирани на македонската јавност, се вели во соопштението.
Фото: Министерство за одбран