Граѓаните ќе плаќаат поскапо гориво бидејќи владеачкото мнозинство го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата за 50%. Овој предлог закон ќе предвидеше намалување на енергенсите за 9 и 13 денари. Сепак, власта остана на своето – акцизата да се одредува согласно берзанските цени, па така горивата ќе поевтинат, но само за еден денар. Опозицијата критикува, дека антикризните мерки на власта се козметички и недоволни.

Според нашето законско решение за литар на нафта граѓаните ќе добиеја ослободување од девет денари, а за литар бензин ослободување по основ на давачки на акциза од 13 денари. Што е многу повеќе од тоа што власта го нуди како законско решение – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

СДСМ со поинаква реалност – се пофалија дека во регионот цените на горивата растеле, а во Македонија се намалувале.

Со усвоените измени и дополнувања на законите на ДДВ и за акцизата во Собранието намалени се цените на нафтените  деривати и горивата за транспорт. Благодарение на овие антикризни мерки, цената на горивата кај нас се намалува, додека насекаде во регионот таа расте. Бензинот БС-95 сега е намален за 6,5 денари, а дизелот за 9 денари – изјави Даниела Николова, пратеник од СДСМ.

Не само за акцизата, опозицијата подолго време инстистираше да се намали данокот на додадена вредност за увоз на нафтени деривати, од 18% на 5 проценти, и да се укинат царините за увоз на репроматеријали за прехранбената индустрија. Поголем дел од овие предлози ,сепак не се најдоа во владиниот пакет мерки.

Со свој осврт во врска со ова се јави и Владо Мисајловски, потпретседатеот во ВМРО-ДПМНЕ:

-Денес власта го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизите за 50%, со што ќе се намалеа цените на литар дизел за 9 денари и бензинот за 13 денари, напиша на својот Фејсбук профил, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.