Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (24 јуни) во Хаг, на покана на холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс ќе учествува на работната средба на министрите за одбрана на земјите – членки на Алијансата, соопштија од министерството за одбрана.
На средбата организирана на маргините на Самитот на НАТО, министрите за одбрана ќе разговараат за неколку клучни теми поврзани со одбраната и тоа инвестициите во одбраната како предуслов за исполнувањето на НАТО Целите на способности, како и развојот на одбранбената индустрија – клучен елемент во зацврстувањето на капацитетите на Алијансата во исполнувањето на заедничката цел – безбедно НАТО, сигурни над една милијарда луѓе.
Во Хаг утре ќе се одржи Самитот на Алијансата, каде нашата држава ќе биде претставена од највисока делегација, предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, а составена од министерот за одбрана Мисајловски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцински.