Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој зборуваше за лошите владини политики во однос на економската и здравствена криза, измените во образованието, како и договорот со Бугарија од кој за возврат Македонија доби вето.
Мисајловски вели дека реформите во образованието нема да го подобрат моменталното образование, ниту пак најмладите ќе учат по некој нов и софистициран систем од кој ќе научат нешто повеќе. Единствената цел на оние кои што го менуваат образованието е да се создаде една нова слика за државата, да се создаде нова историја која што денешните млади ученици утре ќе го пренесат на нивните деца. Тоа е поразително и страшно, вели Мисајловски.
“Замислете, еден дедо и татко, ќе имаат сосема поинаква перцепција за историјата на Македонија од онаа која што ќе ја има синот, односно внукот. Тоа е сосема нелогично. Не може историски факти да се менуваат по потреба на политичари и политички препирки. Во историјата јасно се знае дека она што е еднаш запишано, не се изменува, поради тоа што за истото постојат записи и докази”, вели Мисајловски.
Доколку постојат потреби за реформи во образованието со цел да се подобри образовниот систем во државата, тогаш за истите реформи треба да разговараат луѓе од фелата, професори кои ќе се залагаат за силно образование, а не за додворување кај политичарите. Менувањето на историјата не е мала работа, напротив е незамислива, додаде Мисајловски.
Случајот пробува да се затскрие, реформите сакаат да се случат тивко и без многу фама. Но, на тоа не смее да му се премолчи и да се дозволи, бидејќи тоа е сериозно извитоперување на историјата на државата, заврши Мисајловски.
Според него, општо познат факт е дека Зоран Заев веќе неколку години наназад го користи македонскиот народ како топовско месо во договорите со Бугарија.
Нему не му е важно дали Македонија ќе биде победник во спорот со Бугарија, односно дали ќе го сочува она што е нејзино, туку дали Заев ќе направи бизнис зделка со Борисов, вели Мисајловски. Граѓаните на Република Македонија се жртви во преговорите на Заев и Борисов, бидејќи сите видовме како Зоран Заев нудел државни бизниси, само за да добие подрршка од Борисов во процесите. Тоа е директно предавство на својата земја, бидејќи тоа се пари и бизниси кои што произлегле од народот, а не се приватни бизниси на Заеви за да можат да ги распределуваат како сакаат, додаде Мисајловски.
“Со националниот идентитет не смее да се поигрува, тоа е нешто за кое што никој нема право ниту да разговара ниту да преговара. Ние сме Македонци, родени како Македонци и така ќе си заминеме од овој свет. Тоа не може да го промени никој на светот, ниту еден договор од било која политичка гарнитура. Тоа треба да му е јасно на Зоран Заев и на сите кои му помагаат во предавството”, истакна Мисајловски.
Зоран Заев и Бојко Борисов единствено ги интересираат нивните фотељи и бизнисите кои веќе сите знаат дека ги имаат заеднички. Дали една земја вреди да пропадне поради само еден човек и поради одлуки на човек кој нема национално чувство? Не, тоа не смее да се дозволи и ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи со ставовите на Зоран Заев. Напротив, ќе ги брани македонските ставови, македонските интереси, заврши Мисајловски.