Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска донесе Предлог-одлуки за испраќање на припадници на АРМ во мировните операции во Авганистан и Либан.
За учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан според оваа одлука треба да бидат испратени тројца штабни старешини на АРМ и тоа во Главната команда на мисијата во Кабул за период од шест месеци од декември 2018 до јуни 2019 година, потоа во истиот период 13 штабни старешини во Командата за обука, советување и асистирање во Кабул и 25 припадници на АРМ во Единицата за заштита на силите на Главната оперативна команда во Кабул.
Во одлуката се наведува дека финансиските трошоци за плати и надоместоци на овие припадници ќе им ги обезбедува Министерството за одбрана, а останатите трошоци ги обезбедуваат партнерските земји.
За учество во мировната операција „УНИФЛ“ во Командата на здружени наменски сили на Армијата на Италија – сектор Запад во Либан ќе бидат испратени двајца штабни офицери на АРМ во периодот од октомври 2018 до април 2019 година.
Овие одлуки за заминување на наши војници во Авганистан и Либан Собранието треба да ги донесе на седницата закажана на 29 август.