‘Истата таа турска армија која ја ‘изгуби’ Првата балканска војна од многу послабите балкански армии, во Првата светска војна, поточно од февруари до август 1915 година, на Чанак Кале и полуостровот Геиболу, под командата на генијалниот војсководец Мустафа Кемал-паша попознат кај народот како Ататурк, ги победи најмоќните армии на светот – англиската, француската и на нив приклучените грчки, канадски, јужноафрикански, австралиски, новозеландски и други сили. На источниот фронт истата армија ги порази и руските сили потпомогнати од ерменските чети. Турската армија и во националослободителната војна која траеше од 1919-1922 година на јужниот фронт во Анадолија ги победи француските и италијанските, а на западниот фронт грчките и англиските сили. Затоа, повлекувањето на турската армија во Првата балканска војна без борба од Македонија и европска Турција пред армиите на малите балкански држави, во историјата се уште се смета како необјаснив феномен, вели д-р Јусуф Хамзаоглу
Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ
Турската историска наука со години не може да си објасни зошто во Првата балканска војна Солун без испукан куршум им беше препуштен на Грците. Д-р Јусуф Хамзаоглу од Скопје, поранешен професор по турски јазик и литература на Педагошкиот факултет Св. Климент Охридски во Скопје, но со магистерска, а потоа и докторска титула од областа на историјата, и еден од најревносните истражувачи во турските архиви, е еден од оние кој со години се обидуваше да најде рационално објаснување за повлекувањето на турската војска од територијата на Македонија во текот на Првата балканска војна во 1912 година.
Иако не сака да се занимава со претпоставки, вели дека во тие клучни години постоеле низа моменти кога историјата можела да добие поинаков тек и кога малку недостигало Македонија да добие автономија на својата целокупна територија.
‘Балканските војни се водеа за поделба на европските територии на Османската империја, пред се за поделба на Македонија која со своите 68.000 квадратни километри површина била два пати поголема од Србија, два пати поголема од Грција, поголема и од Бугарија без Источна Румелија. Кога кон ова ќе се додаде и геостратегиската положба на Македонија и нејзините природни ресурси, станува појасно дека Грција, Србија и Бугарија всушност се плашеле од можноста на Балканот да се создаде поголема, побогата и помоќна држава од нив’, вели проф. Хамзаоглу.
АБДУЛ ХАМИД ВТОРИ ЈА ДРЖЕШЕ МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОВИТА
Сепак, според него, корените на поделбата на Македонија можат да се бараат и во слабоста на Младотурците кои ја презеле власта од тогашниот султан на Османската империја.
‘Султанот Абдул Хамид Втори бил еден од најголемите државници на Европа во периодот од 1876 до 1909 година. Една од неговите цели кога е Балканот во прашање била доследно да го применува начелото ‘раздели па владеј’. Затоа, неговата политика дозволувала во секое село, во секој град во Македонија христијанското население да има толку цркви колку што народи живеат во тоа место. Таквата политика му овозможувала да ги држи бугарската, српската и грчката црква постојано во борба едни против други на територијата на Македонија. И додека тие се расправале меѓу себе, султанот знаел дека ќе може да владее со Македонија и да ја задржи во рамки на Османската империја. Меѓутоа, по победата на Младотурската револуција и по неговото детронирање во 1909 година, младотурските лидери со своите ирационални политички и други постапки направија многу грешки. Некои од нив беа кардинални и историски и имаа мошне негативни последици за Османската империја. Со тие грешки придонесоа балканските држави кои беа поддржувани од Русија и некои други европски сили, да се обединат во војната против Османската империја за завојување на нејзините европски територии. Една од клучните грешки на Младотурците беше и изгласуваwе на Законот за цркви и училишта во османскиот Меxлис во јули 1910 година со што тие придонесоа во Македонија и за Македонија прво да се обединат црквите, а потоа и другите институции на Грција, Бугарија и Србија. Со тоа обединуваwе всушност беа удрени темелите на Балканскиот воен сојуз против Османската империја кон кој подоцна се приклучи и Црна Гора’ смета проф. Хамзаоглу.
Тој истакнува и дека ваквата политика на Младотурците проследена и со низа други грешки, овозможила Османската империја да влезе во серија војни во периодот 1912-1922 година и при тоа не само да остане без балканските и некои територии на Блискиот Исток, туку и да загуби 4 милиони луѓе. Но, почеток на сето тоа се балканските војни по кои сојузниците ја окупираа Македонија, а според професорот најинтересно е тоа што на необјаснив начин, најголемиот дел од Македонија го зазедоа грчките сили.
‘Турската армија во Првата балканска војна само кај Куманово и кај Бакарно гумно водеше големи битки против сојузничките сили. Надвор од споменатите битки, по наредба на домашните и меѓународните масони кои беа инволвирани во турската армија и османското општество, од сите територии без борба се повлекуваше кон Истанбул и Анадолија. Таа без борба се повлече од Скопје во кој покрај гарнизонот, во рацете на народот имаше повеќе од 110.000 пушки и друго оружје. Без борба се повлече и од Солун во кој имаше повеќе од 40.000 добро наоружани војници, 400 најмодерни крупови топови, а во солунското пристаниште беа стационирани неколку разурнувачи, крстосувачи и најмалку две подморници. И нека не ве чуди тој податок со подморниците, зашто Турција на Балканот го имаше стационирано своето најмодерно оружје за тоа време’, истакнува проф. Хамзаоглу.
Овој збир на податоци покажува дека турската армија, иако распрсната на повеќе фронтови, можела да се спротивстави на балканските сојузници, посебно на Грците за кои сите податоци велат дека имала најслаба војска и покрај странските инструктори, и во најмала рака да води војна по која таа би седнала на преговарачка маса, но не како поразена страна, туку како рамноправен партнер, што на Македонија сосема извесно ќе и донело автономија. Вака, турскиот предлог на Лондонската конференција во 1912 година за автономна Македонија во рамки на Османската империја, бил арогантно одбиен.
ПРЕВРАТОТ ДОШОЛ ДОЦНА
‘Истата таа турска армија која ја ‘изгуби’ Првата балканска војна од многу послабите балкански армии, во Првата светска војна, поточно од февруари до август 1915 година, на Чанак Кале и полуостровот Геиболу, под командата на генијалниот војсководец Мустафа Кемал-паша попознат кај народот како Ататурк, ги победи најмоќните армии на светот – англиската, француската и на нив приклучените грчки, канадски, јужноафрикански, австралиски, новозеландски и други сили. На источниот фронт истата армија ги порази и руските сили потпомогнати од ерменските чети. Турската армија и во националослободителната војна која траеше од 1919-1922 година на јужниот фронт во Анадолија ги победи француските и италијанските, а на западниот фронт грчките и англиските сили. Затоа, повлекувањето на турската армија во Првата балканска војна без борба од Македонија и европска Турција пред армиите на малите балкански држави, во историјата се уште се смета како необјаснив феномен’ тврди проф. Хамзаоглу.
Евентуален спас за Македонија можел да се најде во некаков преврат во Истанбул кој би ги симнал Младотурците од власт. Превратот навистина и се случил, но според проф. Хамзаоглу, бил изведен прекасно.
‘Со сила извојуваната младотурска победа на изборите во периодот јануари-март 1912 година, кои биле наречени и ‘сопа сечимлери’, односно ‘избори со стап’, не ја подобрила лошата економска и политичка ситуација на Османската империја. Неуспешната економска, социјална, внатрешна и надворешна политика, оддалечувањето на воената и граѓанската интелегенција од Младотурците, спротивставувањето на армијата на политиката на Младотурците, продолжувањето на војната со Италија во Либија, раздвижувањето на некои нетурски народи во европска Турција, Анадолија и арапските територии, избувнувањето на востанието на Албанците од Косово и Албанија во почетокот на мај 1912 година, омасовувањето на турското офицерско движење за спасување на Османската империја и стравот да не бидат виновни и обвинети за спомената ситуација, влијаеле Младотурците тивко да поминат во опозиција, а нивната влада да поднесе оставка на 16 јули 1912 година. На 21 јули истата година нова влада формирал генералот Гази Ахмет Мухтар- паша. Поради тоа што тројца поранешни претседатели на влади биле членови и на оваа влада, таа била именувана како Голем кабинет. Новата влада била антимладотруска. Ахмет Мухтар-паша веднаш ги сменил началникот на полицијата и командантот на елитната Прва армија во Истанбул, а на нивни места назначил свои луѓе. Тој извршил смени во речиси сите владини и други државни институции, меѓутоа за целосно исфрлување на Младотурците од власт, новата влада требало да се ослободи и од младотурскиот Меxлис. Поради тоа, Ахмет-паша пред да го распушти Меxлисот прво побарал гласање за доверба на неговата влада. Откако ја добил довербата, на почетокот на август 1912 година биле распишани нови парламентарни избори што требало да се одржат есента 1912 година. Но, Младотурците предоцна биле отстранети од власт. Со организирање на нови врховистички атентати и диверзии во втората половина на 1912 година, прашањето за Македонија добило нови димензии во чие решавање активно биле вклучени балканските држави. Во наведениот период веќе бил создаден воен сојуз меѓу балканските држави, така што било касно да се спречи Првата балканска војна. Последната шанса за Македонија се криела во самото водење на војната, која, моќната турска армија ја губи под необјасниви околности’, смета проф Хамзаоглу.
Солун
АНДАРТИТЕ ПРВИ ВЛЕГЛЕ ВО ГРАДОТ НА КАСАНДАР
Солун бил предаден на Грците на 26 октомври, односно 8 ноември 1912 година. Прва гр~ка сила која што влегла во Солун била андартската чета на адвокатот Чичеликис. Дури потоа во градот влегле и регуларните грчки трупи, што само по себе покажува дека Грците сфаќајќи ја инфериорноста на својата војска во однос на турската, внимателно го чекале развојот на настаните за дури потоа да настапат.
Инаку, интересно е што во тоа време најбројно население во Солун биле Евреите. Грчките извори говорат за 60.000 Евреи, 30.000 Грци и по 10-тина илјади Бугари и Турци, односно муслимани. За разлика од нив, бугарската статистика на Васил Кнчев вели дека на почетокот на 20 век во Солун имало 56.000 Евреи, 15.000 Бугари и по 10.000 Турци и Грци. По влегувањето на Грците во Солун етничката слика почнала рапидно да се менува. Во 1917 година во градот француските војници подметнале пожар, по кој околу 70.000 луѓе останале без своите домови. Најголем дел од настраданиот имот им припаѓал на Евреите по што многу од нив се иселиле.
Инаку, градот е основан од македонскиот крал Касандар во 315 г. пред нашата ера. Се верува дека името го добил по неговата сопруга, сестрата на Александар Македонски, Тесалоника. Втората верзија е дека името го добил по победата на Филип Втори над Тесалијците.