Меѓу стотиците нови документи кои се однесуваат на Ѓорче Петров, во Истанбул своевремено беше откриено и едно писмо од април 1903 година кое сведочи за пат на револуционерот во Женева, а потоа негово заминување за Косово, преку Црна Гора, на средба со водачи на тамошните чети
Дарко ЈАНЕВСКИ
Според шифрираното писмо од 14 април 1903 година упатено до властите на Битолскиот вилает за движењето и контактите на Ѓорче Петров, најавено е негово пристигнување во Митровица и одржување состанок со тамошните бунтовнички чети. Во писмото се вели:
‘Пристигање на Ѓорче Петров од Женева преку Црна Гора во Митровица и одржување состанок со други тамошни четници и комити’. Според турските власти, целта е Ѓорче да постигне договор со четите од Митровица за ‘заедничка соработка со цел преземање активности против османлиската власт.’
Истиот ден до инспекторот во Митровица е испратено известување ‘за пристигање на четниците во Митровица’ со барање ‘тие да се фатат и затворат’.

Овие информации содржани во писмото се прилично изненадувачки, бидејќи македонската историја досега немала податоци за вакво патување на Петров.

Самиот Ѓорче не кажува ниту збор за ваков или сличен настан во неговите спомени објавени во 1908 година, а запишани од штипјанецот Љубомир Милетич. Од неговите сеќавања тешко е да се прецизира каде тој бил на 14 април 1903 година, но самиот вели дека околу 20 април бил во Софија. Имено, на 20 април според стариот календар се случува загинувањето на Гоце Делчев во с. Баница, а за ова Ѓорче вели:
‘Затоа допуштам дека предавството на Делчев било од Солун. Јас бев тука (во Софија, н.з.) кога се слушна за смртта на Делчев. Страшно бев поразен. Ја криевме неговата смрт извесно време’, сведочи Ѓорче.
Во тоа време не било баш така едноставно за човек кој е во илегала, како Ѓорче, за само неколку дена да пристигне од Митровица, каде евентуално водел преговори со албанските чети за настап против османлиската власт, до Софија, каде го стигнала веста за смртта на Делчев, иако не било и неизводливо. Но, засега останува дилема зошто тој би премолчал во своите спомени еден таков настан како што е неговото патување за Женева, па доаѓањето во Црна Гора и заминувањето за Косово на средба со водачите на албански чети. Оваа дилема не е разјаснета ни во годините по откривањето на писмото во Истанбул.

Од друга страна, не е тајна дека во тој период и подоцна Ѓорче важел за ‘крал на дипломатијата’ односно ‘крал на разузнавањето’, па не би било чудно настанот навистина да се случил, иако можеби е спорен датумот. Во Митровица можно е Ѓорче да барал некаква координација во акциите или поддршка од албанските првенци како Бедри Пејани, кој сметал дека Албанците и Србите би можеле заеднички да се борат против Османлиите или Хасан бег, кој пак, бил непомирлив српски и османлиски противник. Во секој случај, настанот од Митровица би бил на линија на желбата на Организацијата да најде и создаде што поголем број сојузници во борбата против заедничкиот поробител на Македонија и Косово. Впрочем, не случајно, десет години подоцна, во септември 1913 година е постигнат сојуз меѓу ВМРО и Албанците за заедничко востание, со тоа што кревањето пушка во тој случај било против Србите, а не против турската власта која веќе била протерана од Македонија.