Рацин бил смртно ранет, но не починал веднаш, туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството кое било на Лопушник не презело ништо тој да биде префрлен на лекување. По неколку часа агонија, поетот умрел и бил закопан во плиток гроб, таму каде што бил погоден.

Пишува: Дарко ЈАНЕВСКИ

Смртта на Кочо Рацин на Лопушник, кичевско, за многумина во Македонија и по 79 години од настанот е една од најголемите мистерии на поновата македонска историја. Се разбира, и натаму останува само да се претпоставува дали убиството е нарачана ликвидација или пак станува збор за несреќна случајност, иако во втората верзија малку кој верува.

Официјално, Кочо Рацин загинал како резултат на трагично недоразбирање. На 13 јуни 1943 година тој добил наредба да се врати во базата на Лопушник. Кога се приближил до базата, бил погоден од куршумот на Мино Миновски, партизан кој бил на стража во близина на импровизираната партизанска печатница. Тој извикал предупредувачко „Стој!“, но поради наглувоста Рацин не го слушнал, продолжил да се движи, по што овој го застрелал.

Рацин бил смртно ранет, но не починал веднаш, туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството кое било на Лопушник не презело ништо тој да биде префрлен на лекување. По неколку часа агонија, поетот умрел и бил закопан во плиток гроб, таму каде што бил погоден.

Тие што не веруваат во оваа верзија, сметаат дека всушност станува збор за исцениран случај со цел Рацин да биде ликвидиран поради неговите тврди промакедонски ставови кои не кореспондирале со веќе зацврстената пројугословенска политика на тогашните комунистички првенци на партизанското движење во Македонија.

Веднаш по смртта на Рацин, започнале да исчезнуваат материјалите што ги имал со себе. Најпрвин ја снемало торбата со тетратките во кои Рацин пишувал секогаш кога имало затишје. Според академик Блаже Конески, меѓу тие материјали била и поемата ‘Сандански’. Тој ракопис до денес не е пронајден, а не се знае ниту од каде можел да знае Блаже Конески дека ракописот бил во торбата што Рацин ја носел на рамото кога заминал.

Чудна е и судбината на картичките што Кочо и ги праќал на Раца. И нив веднаш по ослободувањето некој ги има однесено од домот на Рахилка Фирфова, а на седум од нив им беше изгубена секаква трага, се до неодамна кога успеа да ги пронајде д-р Александар Трајановски. Станува збор за картички што Кочо и ги испраќал на Раца во текот на 1928 и 1929 година, кога таа била ученичка во шести клас во велешката гимназија.

Според јавниот исказ на проф. Трајановски од пред повеќе години, мистеријата околу загинувањето на Рацин останува, но, секоја година се откриваат нови докази според кои целиот настан се поцврсто мириса на ликвидација. Причина за тоа можеби е не само тврдокорниот став на поетот во врска со македонското национално прашање, туку и неговото јавно несогласување со ‘српските инструктори’ и македонските партизански послушници. Дека нешто се криело, зборува и податокот што за смртта на Кочо неговите во Велес дознале речиси една година подоцна.

Според сведоштвото на неговиот најмал брат Александар Солев, мајка му Марија можеби нешто знаела за судбината на Кочо, но веројатно не сакала да верува дека е вистина. Останатите во семејството, не знаеле ништо. Една година подоцна, тој и мајка му со едно магаре на кое имале товарено бардачиња и грнци, тргнале кон селото Лисиче каде се наоѓале партизаните, односно единиците што го обезбедувале целиот реон, бидејќи штабот се наоѓал во Горно Врановце. Таму наишле на партизанот Киро Попадичето од Велес, близок пријател на Кочо. Тој ги тргнал настрана и на мајката на Рацин и рекол: ‘Тетка Маре, Кочо загина во јуни минатата година! Погребан е таму на Лопушник.’

Тетка Маре само се свртела настрана и почнала тивко да плаче.

Братот на Кочо се сеќава и дека по војната ‘другарите’ им собрале се што чувале дома, а што било поврзано со поетот, за да се направи музеј за него. Потоа, и тие работи почнале мистериозно да исчезнуваат.

‘Се сеќавам дека прв кај нас дојде Славко Јаневски. Прегледа низ хартиите и книгите и собра се што мислеше дека е вредно за да се сочува. Целиот пакет што го зеде го однесе во Скопје, а во Музејот во Велес прати само фотокопии. Еден дел од материјалите на Кочо зеде и Александар Спасов. Јас тогаш имав 15 години и не знаев дека сите хартии што ги земаат се толку важни. Си спомнувам дека од дома беа однесени неколку сандаци книги и тетратки испишани со ракописот на Кочо. Ја помнам неговата стихозбирка ‘Антологија на болката’, отчукана на машина, која некако остана дома, не ја зедоа. Подоцна тој ракопис шеташе од рака на рака, за на крајта да исчезне. Сите што доаѓаа нешто да земат, разговараа со мајка ми, ја убедуваа дека се што напишал Кочо и сите негови книги и тетратки, ќе бидат искористени за да се направи музеј’, раскажуваше своевремено Александар Солев.

Роднините на Кочо Рацин, во 2005 година остро реагираа кога во неговата Спомен-куќа, организаторите, Музејот на Велес, поставија и фотографија на Страхил Гигов, кој меѓу луѓето што сметаат дека поетот е смислено ликвидиран, важи за човек вмешан во сите тие настани.

Кочо Рацин е роден 1908 година. Заедно со него, во семејството на Апостол и Марија Солеви се родиле девет деца, а од нив станале живи само шест: Грозда, Кочо, Димко, Никола, Деса и Александар.

Негов врвен дострел се смета збирката ‘Бели Мугри’ од 1939 година. Официјално, тој е првиот македонски поет, иако последните години има и такви според кои таквиот примат му припаѓа на Венко Марковски.

Без разлика на ова, Кочо Рацин останува една од најголемите величини на борбата на Македонците за посебност, а веројатно заради тоа и толку многу магла околу тоа што навистина довело до убиството на 13 јуни 1943 година.