Владината портпаролка Марија Митева денеска во целост ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување. Како што истакна, се што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
Прес-конференцијата ја одржа потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа на старите патеки и воспоставува режимски практики на контрола преку заплашување и прислушкување новинари, активисти и неистомисленици, а на почетокот на мај годинава МВР потпишало Договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушување и шпионажа на телефонските уреди.
-Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ, истакна Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.
Во врска со вчерашниот марш на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани и нивните барања за оставки и одговорност на државниот врв, Митева уште еднаш повтори дека Владата ја разбира болката на семејствата, но на собирот биле слушнати, напомена, „лични напади кои политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политичка позадина“.
-Во целост ја разбираме болката на семејствата, но од друга страна беа слушнати лични напади кои политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политилка позадина. Навистина жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофили, подвлече владината портпаролка.
Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на Методија Илиевски.
Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага. Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви.