Митко ПАНОВ

Македонија празнува! Македонската нација ги слави своите револуционери, државотворци, паднатите жртви во изградбата на македонската држава! Се сеќава на историскиот државнички говор на Брашнаров од 2 август 1944 г. за историските премрежја и државотворните традиции на Македонија:

“… На овој историски ден ИЛИНДЕН, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.

Македонија ги слави вековните традиции, вградени во Манифестот на АСНОМ: „…Од тешките борби и пролевената крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја собствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја куќа; за прв пат тој стана не дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава“.
Манифестот ги констатира и „принципите на правото за самоопределување”, „искрена солидарност и мир между балканските народи” и „правата на полна слобода и рамноправност на сите народности во Македонија”.

Денес Манифестот на АСНОМ повеќе не е дел од Уставот, а историските традиции на македонската држава, на македонскиот народ и македонската нација се предмет на договори со соседите.

Но, пораката на АСНОМ до идните македонски генерации за одржување на вековитиот завет и долг кон државата и нацијата, останува за навек: „Во овија дни се решава судбата на нашиот народ за векови. Историјата ве поставила пред судбоносна проба … во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!”

Историјата сведочи и суди, а Македонија памети!
Честит и вековит државен празник, Македонијо!