Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ќе биде претседател на Собранието од 28 јануари, утврди Извршниот одбор на СДСМ вечерва. Митрески ќе го замени Талат Џафери, кој 100 дена пред парламентарните избори ќе стане премиер во техничката влада. Ова е одлучено на денешната седница на Извршниот одбор на владејачката партија.
Како што кажа партискиот портпарол Дарко Каевски, Митрески е партиски избор за нов претседател на Собранието бидејќи е пратеник со долгогодишно искуство, чесен, вреден и посветен на граѓаните и државата.
„Сигурни сме дека Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните“, рече Каевски.
На седницата на Извршниот одбор е донесена одлука за почнување постапка за избор на кандидат на СДСМ за претстојните претседателски избори. Исто така одлучено е шеф на изборниот штаб на СДСМ да биде генералниот секретар Миле Зечевиќ.
Техничката влада треба да биде формирана на 28 јануари на чело со техничкиот премиер Талат Џафери.
Парламентарните избори и вториот круг претседателски избори ќе се одржат на 8 мај, среда. Првиот круг претседателски избори е на 24 април, среда.