Митрополитот г. Јосиф, Божиќното послание го испрати преку видео порака во која на верниците во Тетовско-гостиварската епархија им порача „вниманието да се отргне од застрашувачкото и несигурно утре и да се насочи кон незалезната светлина на Рождеството Христово“. Владиката Јосиф покрај честитките во пораката повика Божик да се прослави со верба дека и најголемата трагедија не може да ја победи надежта кај човекот.
– И покрај сите маки и искушенија – овој Божик да го прославиме со верба дека и најголемата трагедија не може да ја победи надежта кај човекот која ни ја носи престојниот празник на Христовото раѓање. Празнувајќи го тој прв празник меѓу празниците, да не дозволиме нашето внимание да го одземе световната агонија од застрашувачкото и несигурно утре, туку нашите очи да ги насочиме кон незалезната светлина на Рождеството Христово, кон Раѓањето кое на светот му го донесе Семето на вечниот живот и начелото на идниот век, вели г.Јосиф во видео обраќањето.
Прославите на православните празници Бадник и Божиќ во Гостиварско годинава ќе се одвиваат со ограничувања и без масовни собири, кои изминативе години беа традиција. Празнувањето на Божиќ ќе започне се света литургија во храмот Св. Богордица во Гостивар.