На ден 05.01.2025 година кога нашата Света Црква го празнува споменот на Св. Наум Охридски, во истоимениот манастир на Попова Шапка, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија со свештеници од Тетовско-гостиварската епархија.

На Божествената Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата беа благословени и прережани кумските лебови. На Литургијата присуствуваа: премиерот на РМ, Христијан Мицкоски, министерката за финансии, г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска, како и пратеници од македонското Собрание. Црковниот Одбор и овогодишните кумови на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречекаа сите поклоници на манастирот и приредија трпеза на љубовта. Со свое слово-проповед се обрати Митрополитот г. Јосиф, кој меѓудругото нагласи:

Денес сме собрани во овој свет манастир на Попова Шапка посветен на денешниот празник, за да го одбележиме споменот на Свети Наум – охридскиот чудотворец, да го прославиме достојно празникот на овој наш семакедонски светител, кој е наш постојан молитвеник пред Бога. Делото и животот на овој Божји угодник се длабоко вткаени во духовно-просветниот живот на нашата Македонија. Како основач на монаштвото на нашите простори, тој длабоко го поставил темелот на Христовата вера кај нас. Свети Наум е од исклучително значење за Македонците и духовниот живот кај нас, но исто така, неговата просветителска дејност претставува универзална придобивка за сите словенски и воопшто за сите христијански народи во светот. Тој како просветител се трудел да ги научи луѓето на евангелските морални принципи, бидејќи знаел дека многу гревови извираат од човечките незнаења. И тогаш како и денес, најголем проблем и извор на злото било незнаењето, кое води до помраченост на умот. Последиците од помраченоста на умот се големи и погубни и за нашето општество. Тие започнуваат од неправилен начин на живеење, па водат се до воведување на нови и туѓи надметнати „вредности“, под слоганот на таканаречената демократија. Затоа, како православни верници да бидиме постојано трезвени и будни, да ги почитуваме вистинските вредности, кои како наследство ни ги оставил во аманет нашиот денешен славеник, великиот Наум. Наоѓајќи се на крајот од Божиќниот пост, а на самиот почеток од овие празнични денови кои ни следуваат, да се помолиме на Светиот Наум Охридскиот Чудотворец, по неговите свети молитви и нам Господ да ни ги просветли нашите умови, да ги очисти нашите срца од секакви грешни желби, похоти, страсти, грешни дела и да ни даде духовни сили за достојно да го пречекаме Христовото рождество.
По молитвите на Свети Наум, Господи Исусе Христе, Сине Боже помилувај нè и спаси нè нас. Амин. Нека е за многу години манастирската слава! На сите Вас кои го славите овој ден како куќна слава и го носите неговото име, ви честитам и посакуваме многу здравје, радост и благослов во животот.