Сметката на Радио Кавадарци е блокирана со извршно решение во износ од приближно 10.000 евра од страна на АД за стопанисување со станбен простор и со деловен простор, реагира сопственичката, Трајанка Ѓорчева Митрова.

Таа тврди дека „Радио Кавадарци“,„ како едно од борците за македонизмот во нашата држава Република Македонија“, на власта и било како трн во окото“.

Власта на крајот од своето заминување уништува медиум. Имено АД за стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, овие денови ја блокира сметката на локалното радио, Радио Кавадарци, со извршно решение во износ од приближно 10.000 евра. Очигледно е дека на оваа власт не и се потребни било какви медиуми, освен такви што им одговараат во нивната предавничка, немакедонска и коруптивна политика и со самото тоа, Радио Кавадарци, како едно од борците за македонизмот во нашата држава Република Македонија, им беше како трн во окото. На многу љубители на радиото им е позната програмската содржина на Радио Кавадарци и со самото тоа Радио Кавадарци се гордее што ја добива нивната доверба, петта година по ред како најслушано локално радио во Републиката, по официјални истражувања на слушаност, нарачани од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија – тврди Ѓорчева Митрова.

Лало то пренесува Република, таа образложува дека просторот е во сопственост на Република Македонија во кој од 1958 година беше РО Радио Кавадарци, потоа Радио Телевизија Кавадарци, па по приватизирањето од 2007 година ТРД Радио Кавадарци, како законски наследник на РО Радио Кавадарци.

На 15.12.2015 година со Одлука на Владата беше доделен во трајно користење на АД за стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката Скопје, а во нивната евиденција просторот е заведен на 02.02.2016 година.

Целтта беше да се даде со договор и право на користење на ТРД Радио Кавадарци и дека со Одлука на одбор на директори, дури и без јавно наддавање да се направи исклучок и прво да се понуди на корисникот кој е затекнат таму, во случајот Радио Кавадарци, со оглед на тоа што корисникот ги користи тие простории од 1958 година, и уште повеќе што и броилата за струја и вода се водат на име на Радио Кавадарци. Жално беше што не само што не се направи тоа, туку тие сакаа да ги дадат просториите на Јавно наддавање на кое можеа понуда да достават сите правни и физички лица без оглед на дејноста, па дури и казина и јавни куќи. Не земајќи го во предвид тоа што просториите се во зграда наменета за културни дејности и каде се наоѓаат библиотека, кино, дом на култура, биро за образование и друго – потсетува Ѓорчева Митрова.

Таа додава:

Како и да е, иако апелиравме дека правата мора да се регулираат, дека бараме да се реши состојбата со просторот за да знаеме на што сме, за да можеме непречено да функционираме, таму или на друго место, доколку не ни одговараат условите од нивна страна. Од нивна страна, ниту известување дека сега тие владеат со просторот, дека ние сме од сега нивни закупци, дека треба да плаќаме, не не задолжуваа, не ни праќаа фактури, дури не одеа ни во крајност да речат вие сте на пример диво вселени (иако не сме) и треба да се исселите или да плаќате толку и толку, па ние да видиме, ако ни одговара сумата добро, ако не да се исселиме, со оглед на тоа што во Кавадарци барем, еден стан да земеш под наем е 50, 60 евра. Значи апсолутно ништо. Не дојдоа ни да го видат просторот, ни да го измерат, ни да видат со што располагаат. И покрај нашата жалба, Апелација ја одби и сега Радио Кавадарци треба да плати 10.000 евра – вели сопственичката на Радио Кавадарци.