Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска најави реализација на проект за водоснабдување на населбата Каменик во Општина Кисела Вода, истакнувајќи дека станува збор за заедничка инвестиција на Владата и локалната самоуправа.

При увидот во градежните активности, Мицкоски заедно со градоначалникчката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоски, посочи дека со изградбата на водоводна инфраструктура конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со снабдување со вода за пиење на жителите од овој дел на општината.

-Целокупниот проект е многу значаен за овој дел на Општина Кисела Вода, затоа што тоа што недостасуваше досега, тоа е водата за пиење. Ќе биде конечно затворен тој проблем – изјави Мицкоски.

Тој најави дека по завршувањето на водоводната мрежа ќе следува реконструкција на сообраќајната инфраструктура, односно асфалтирање на патот.

Мицкоски нагласи дека Владата продолжува со реализација на проекти кои се од значење за граѓаните и дека активностите се спроведуваат плански и систематски, во согласност со утврдените потреби и можностите на институциите.

-Така што плански се работи, систематски се работи, потребите се јасни, а ние како Влада, нашата задача и цел е да овие потреби одговориме согласно нашите можности и се надевам дека тоа досега го правиме – изјави Мицкоски.

Воедно, тој се заблагодари на градоначалничката на Кисела Вода, на општинските советници, пратениците, ресорните министерства и на Министерството за животна средина и просторно планирање за поддршката и соработката во реализацијата на проектот.

Според него, синергијата меѓу централната и локалната власт овозможува поефикасна реализација на инфраструктурни зафати, а Владата и во иднина ќе продолжи да работи на проекти кои одговараат на потребите на граѓаните.

Фото: Влада