Податоците кои ги добивме од центрите за социјална работа се загрижувачки. Од 8500 барања во периодот од 1.6.2019 до 1.10.2019 кои претходно ги споменав, до вчера, 8.1.2020 година до 16 часот, решени се САМО 1589 барања за надоместок за помош и нега од друго лице, ова на денешната прес-конференција го истакна техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
-Во меѓувреме поднесени се 4603 нови барања, кои воопшто не се пуштени во процедура на решавање, а причината сѐ уште не е позната. Што значи, во оваа држава, во овој момент, има 11 514 нерешени барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Напоменуваме дека дел од комисиите, до денес, немаат отпочнато ниту со решавање на истите. Ова говори дека Владата и Министерството претходно проблемите на граѓаните ги ставале под тепих. Тоа е недозволиво. Семејствата чекаат помош, а не ја добиваат. Ова што го зборувам, не е празна реторика туку нерешени предмети поткрепени со докумeнти. Како и за многу работи, така и за овој голем проблем, не ја зборуваат вистината, вели Мизрахи.
Таа додава дека Законот за социјални заштита детално ја разработува постапката за остварување на правото, условите, потребната документација, како и роковите за поднесување на барања до донесување на првостепен управен акт.
-И во двата закона рокот изнесува 30, односно 60-тина дена за решавање на посложените предмети. Единствената суштинска разлика со новиот закон се однесува на префрлање на ингеренциите, односно формирање на дополнителни лекарски комисии кои сега се под надлежност на Министерството за здравство, додава Мизрахи.
Таа додава дека ова не е прашање на политика туку прашање на егзистенција и помош на луѓето на кои им треба нега. Ги повикувам оние кои не мислат така, вклучително и поранешната министерка да дојде да направи увид во документацијата на нерешените премети и да се увери во вистинитоста на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на оваа држава.
-Нападите врз мене и мојот личен интегритет, само ќе ме охрабрат дополнително да се борам за она што сум дојдена, а тоа е безусловно решавање на секој проблем што го имаат граѓаните на мојата држава. Нема да престанам сѐ додека ова Министерство не стане сервис на граѓаните. Отворено, транспарентно, со целосно почитување на законите, рече Мизрахи.