Пратеничката Рахела Мизрахи реагира на изјавата на премиерот Зоран Заев за „длабоката држава“ која била инсталирана во ВМРО и го кочела Заев.

Во продолжение целата реакција на Мизрахи на вчерашното интервју на Заев, објавена на Фејбук:

Збор или два за ,,длабоката држава” која го кочи премиерот

Во скандалозното интервју Зоран Заев изјави дека длабоката држава пазете, сега инсталирана во ВМРО, го кочела…
Ми изгледа дека вие господине Заев немате проблем со ВМРО, вие имате проблем со себе си!

Господине Заев, како што и сами изјавивте, вие не само што не знаете историја, вие поим немате за што зборувате.
,,Длабоката држава” која вас Ве кочи во Македонија се нејзините херои, нејзините знајни и незнајни јунаци и нивните потомци.

Ве кочи народот г. Заев.

Вие никако да разберете дека народот се хероите од подалечното минато, Галичката буна, Илинден, Јордан Пиперката, Даме, Питу, Карев, Гоце, тврдокорните!

Народот се хероите од Втората светска војна Урдаревски, Алија Авдовиќ, Мирче Димитровски, Ризова Трајанка-Злата и Самоил Мизрахи, Садо Хаме, Ченто, Мајски, Брашнаров, Ибе Паликуќа, Кемал Сејфула, Христијан Тодоровски-Карпош, Стив Наумов, Мите Богоевски, Лиман Каба, Раде Јовчевски, Невена Георгиева-Дуња, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Бено Русо, Естреја Овадија-Мара, Дане Крапчев, Благоја Деспотовски, Васил Антевски-Дрен, Рамадан Махмут, Стерјо Кранго, Антун Конлендиќ, Вулнет Старова, Аспарух Канафче, Реис Шакири, Бекир Жута , Ќамуран Тaхир, Видое Смилевски-Бато… илјадници имиња, илјадници знајни и незнајни херои.

Народот сме ние, синовите и ќерките, браќата и сестрите, внуците и внуките, роднините на хероите кои за оваа земја дадоа сѐ!

Народот е секој еден од нас, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Евреи, Еѓипјани и сите останати во Македонија.

Народот кој пролеаната крв за оваа земја го поврза.

Народот сме ние, петте прсти на една рака!

СИТЕ ЗАЕДНО ЕДНА СИЛНА МАКЕДОНСКА ТУПАНИЦА, СИМБОЛ НА НЕПОКОР, НА ОТПОР, НА ГОРДОСТ, НА ЧЕСТ И ДОСТОИНСТВО!

Народот на Македонија од памтивек и за навек е Македонија! Овој народ создаде држава, суверена и самостојна независна Македонија! И господине Заев, ако овој народ Ви пречи, не бришете споменици, заминете веднаш!