Денеска СДСМ испратија соопштение со бројни обвинувања за вчерашната и денешната анкета на порталот МКД.мк и агенцијата Маркет вижн. Резултатите не им се по кејф, ама тоа не е прашање за нас или за агенцијата. Зошто се резултатите такви, треба сами да се запрашаат, а не да обвинуваат, реагираат од порталот МКД.мк на соопштение на опозициската СДСМ.

Речиси редовно на нашите анкети, оние на кои резултатите не им се допаѓаат реагираат – партии, кандидати, политичари, министри… И секогаш, ама баш секогаш, кога некои избори ќе завршеа, кога некој ќе победеше или изгубеше, споредбата на резултатите од истражувањето со случувањата на теренот беа безмалку еднакви. Така беше и за претходните локални избори, и за претходните претседателски, за парламентарните избори… И редовно, барем во овие последни четири изборни циклуси, реагираше СДСМ, реагираа кандидатите за претседател на државата обвинувајќи за некакви манипулации и нарачани анкети. И редовно по завршувањето на изборите споредбено им ги објавувавме резултатите од истражувањето со резултатите од гласањето и секогаш, речиси во милиметар резултатите се поклопуваа.

И еве ги пак денеска СДСМ со ново соопштение мотивирани од резултатите од вчера и денеска објавените бројки од последното наше истражување. Сосема непотребно, лаички, дневнополитички се обидуваат нешто да докажат, иако, верувам дека и самите знаат каде се, какви се и верувам дека знаат што треба да прават. И ова истражување, како и сите претходни други се нарачани и платени од редакцијата на МКД.мк. Тоа СДСМ можеа да го проверат кога беа на власт, а и сега, ако искажат желба, можеме да им ги испратиме сите наши договори и фактури, велат во реаквијата од редакцијата  на МКД.мк.