Од 13 до 21 септември годинава ќе се одржува 44. Млад отворен театар 2019 – МОТ.
Во девет вечери ќе гостуваат петнаесет врвни театарски продукции, на шест сцени во Скопје и една во Велес. Отворањето е со проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на авторот Филип Јовановски и кураторот Ивана Васева.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација.
Со овој уметнички проект беше претставен павилјонот на Република Македонија на 14. Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор (6-16 јуни 2019 година) и ја доби главната награда „Златна Трига“ на оваа престижна манифестација.
Покрај претставата за отворање, МОТ го најавува гостувањето на Словенско младинско гледалишче и „Сѐ уште без наслов“ на Томи Јанежиќ, театарско искуство во времетраење од девет часа.
Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре – „The Tiger Lillies“ со едно посебно шоу, со кое слават 30 години во бизнисот. Покрај двата концерти, следува и работилница за специфична локација – „Оди и види“ во Железничката зграда, предавање и дискусија со Мајк ван Гран во Кино Култура и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.
Публиката ќе може да ја следи програмата во Национална опера и балет, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина – МКЦ, Дансин сала – МКЦ и Драмски театар и една во Велес – Театар „Јордан Хаџи Констатинов Џинот“.
Продажбата на билети за програмата на 44 – от МОТ 2019 почнува од денеска, по 12 часот на билетарницата во МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk Цената на билетите за сите претстави до 12 септември е 200 денари, а од 13 септември билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари.
За претставата „Злосторството на 21 век“, што се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје. За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари, само на касата на Велешкиот театар или со резервации на teatardzinot@yahoo.com или на 043231750.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.